Saturday, September 3, 2011

Новини во оваа учебна година

Задолжителна дополнителна и додатна настава, школи за родители чии деца имаат слаб успех или непримерно однесување, електронски дневник и екстерно тестирање на учениците за да се оцени објективноста на наставниците се новини во оваа учебна година.

Измените на законите за основно и средно образование што беа донесени пролетта се фокусирани на воспитната компонента и поттикнуваат поголемо вклучување на родителите. Тие ќе бидат повикани на советување или на т.н. родителски школи ако нивните деца имаат над три единици, 10 неоправдани или сто оправдани отсуства, ако се однесуваат неморално и асоцијално, учествуваат во тепачки или во други форми на насилство, ги навредуваат наставниците или ако имаат нагло влошен успех.

Советувањето ќе го прават психолози и педагози. Ако родителот не одговори на поканата, ќе биде казнет со 200 евра, а ако не се одѕива на три покани по ред ќе биде известен Центарот за социјална работа.

Вклученост на родителите ќе овозможи и воведувањето Е-дневник, што МОН веќе го имплементираше, а ќе биде задолжителен од новата учебна година. Со него родителот во секој момент ќе знае каков е успехот на неговото дете, дали присуствува на часовите и за содржините што ги усвојува. За неупотреба на електронскиот дневник ќе следуваат казни.

Исто така, наставниците најдоцна до 20 септември се обврзани да огласат распоред на дополнителни часови за учениците со слаб успех, и на додатни часови за талентирани ученици - кои ќе бидат факултативни и можност тие деца да се усовршат во областа за која имаат афинитет или да се подготват за натпревари. Ученикот може да посетува дополнителни часови за најмногу два предмета и за секој по еден час неделно, т.е. по четири часа месечно за предмет. Со оваа измена, родителите ќе заштедат пари за приватни часови.

Есктерното тестирање, со кое ќе се вреднува објективноста на наставниците, од 2011/2012 ќе важи за сите училишта и ќе се спроведе во февруари за матурантите, а на крајот на мај за сите други ученици во основно и во средно образование.

Извор: Утрински Весник

No comments:

Post a Comment